Став на БЕГ по однос на објавата за дистрибутивната топловодна мрежа

По однос на објавата во  „Независен“ во врска со легализациата на дистрибутивната топловодна мрежа која ја користи Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи, како и решавањето на аерозагадувањето во град Скопје, БЕГ АД Скопје Ве информира за следното:

1. Легализација на дистрибутивната топловодна мрежа

- Согласно Законот за регистрирање на подземни и надземни инфраструктурни објекти и придружни инсталации (Сл.весник на РМ бр. 6/12) за подземните инфраструктурни објекти и придружни инсталации во кои влегува и топловодната мрежа, се водеше посебен Регистар на подземните и надземните инфраструктурни објекти и придружни инсталации од страна на општините во Градот Скопје и град Скопје, кој закон важеше до април 2013, до влегување во сила на новиот Закон за катастар на недвижности (Сл.весник на РМ 55/2013).

- Со влегувањето во сила на Закон за катастар на недвижности (Сл.весник на РМ 55/2013) престана да важи претходниот закон, а Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје како оператор на топловодната мрежа согласно обврските од новиот закон, уште во јуни 2014 покрена иницијатива до АДИСДП на РМ (Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката - Скопје) да се спроведе постапката за легализација на топловодната мрежа. Дистрибутивната топловодната мрежа е во сопственот на Република Македониja, а со неа стопанисува Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје. Барањето за легализација до Министерството за транспорт и врски е поднесено во нември 2015 година.

Со ова сакаме да укажеме дека топловодната мрежа согласно важечките закони никогаш не била третирана како дивоградба, а во моментот кога законот укажува на начинот на кој треба да се третира топловодната мрежа, нашата компанија навремено покрена иницијатива, ангажираше геодетска фирма за снимање на топловодната мрежа, лиценцирана фирма за финансиска процена, по што почнa законската постапка за легализација која сеуште е во тек.

Би сакале да нагласиме дека постапката за легализација во никој случај не може да ги наруши правата и обврските на нашата компанија по однос на лиценцата и договорот за користење на мрежата кои се со важност до 31.12.2047 година. Таквиот потег би значел кршење на законите, превземените договорни обврски како и нарушување на правната сигурност на инвеститорите со сите правни последици. Нашите инвеститори сеуште го држат приматот на најголем странски green field ивеститор во Република Македониjа со инвестирани преку 200 милиони евра во македонската енергетика.

2. Планирање на енергетската политика на градот Скопје

По однос на ставот на Град Скопје за превземање на функциите за планирање на енергетската политика на градот Скопје, со која што Градот Скопје ќе ги има ингеренциите за планирањето на греењето на градските зони од различни извори централно греење, природен гас, електрична енергија итн, нашата компанија во целост се согласува. Уште повеќе БЕГ во рамките на подготовката на новиот закон за енергетика предлагаше Градот и единиците за локална самоуправа да се овластат да ја планираат енергетската структура на градовите и населените места. Ние го подржуваме Градот да добие надлежности за ширење и градба на енергетската инфраструктура вклучувајќи ја и топловодната мрежа, при што ќе ги добие и правата за финансирање на истото преку наплата на приклучни такси и амортизација на мрежата. При тоа нашата компанија ќе продолжи да ја користи мрежата согласно договорот за користење и важечката лиценца, односно ќе ја врши енергетската дејност дистрибуција на топлина. На тој начин ќе се задоволат оправданите барања на град Скопје да ја планира и гради топловодната инфраструктура со обезбедени финансиски алатки, а од друга страна енергетската компонента на дејноста ќе остане во рацете на високо специјализираната енергетска компанија БЕГ која има развиено специфични кадровски, технички ресурси за професионално вршење на дејноста и ги има сите неопходни вештини, искуства и знаења. Ова е исклучително значајно за квалитетот и ефикасноста на дејноста дистрибуција на топлина, особено заради фактот што истата е само еден сегмент од исклучително комплексниот енергетски процес за производство на топлинска енергија, електрична енергија, како и испорака на топлината до крајните потрошувачи. Овие процеси интегирано и автоматизирано се управуваат од нашата компанија за постигнување максимален квалитет и ефикасност, што досега го докажавме со нашата работа. Ваквиот концепт е во согласност со праксата кај повеќето топлификациони системи во Европа и поширко, во кои локалните самоуправи се сопственици на топлификационите мрежи и се одговорни за нивно планирање и развој согласно урбанистичкиот планови, а професионални енергетски компании ги користат и ја обезбедуваат енергетската услуга за која се специјализирани. Концептот е во согласност со европските директиви и новиот закон за енергетика.

3. Решавање на проблемот со загадување на воздухот

Во однос на решенијата за решавање на загадувањето на воздухот во градот, го потврдуваме фактот дека централното греење после гасификацијата на котлите и отстранувањето на хемикалиите во процесот на производство на енергија кое што го реализиравме пред неколку години, е еколошки оправдан начин на греење. Меѓутоа централното греење е економски оправдано само во урабаните централни делови на градот и општините кои се карактеризираат со голема концентрација на колективни станбени објекти, институции и деловни објекти на релативно мал простор. Односно тоа се оние делови од градот кои се греат или на централно греење или на електрична енергија и воопшто не се извор на загадување во Скопје. Впрочем, нашата компанија во урбаните делови од градот за 5 години успеа да обнови и прошири повеќе од 17 километри топловодна мрежа при што вложени се повеќе од 7 милиони евра. Изворот на загадувањето согласно сите објавени студии се во суштина индивидуалните станбени објекти кои користат огревно дрво, јаглен, нафта итн, а кои се распределени во периферните делови на градот. Воведување централно греење во куќите е прескапо од аспект на трошок за опрема кај потрошувачите и трошок за линиска инфраструктура. Затоа сметаме дека Градот и локалните самоуправи треба да се фокусираат за изнаоѓање алтернативни начини на загревање на куќите на економски оправдан начин со што реално ќе се реши загадувањето на воздухот, наместо да се насочуваат кон топлификациониот систем кој не е ниту извор ниту решение за загадувањето.  

Според нашите анализи направени во соработка со еминентни стручни институции во земјава, за загревање на куќите кои користат нееколошки начини на греење, за деловите од градот кои се со низок степен на урбанизација и каде нема други колективни станбени и деловни објекти, економски оправдано и  достапно решение е замена на нивните печки со високо ефикасни инвертер клима уреди. Анализите покажуваат во просек една печка на дрва или јаглен може да се замени со 2 инвертер клима уреди со грејна моќ од 3,8 kW. Вкупната инвестиција не надминува повеќе од 30.000 денари по домаќинство, а трошоците за електрична енергија се дури пониски од трошоците за огревно дрво. Корисниците добиваат комфор подобар отколку да се греат на печки на дрва и јаглен, а решението е брзо изводливо и не бара никаква дополнителна градска инфраструктура.

Во деловите на градот каде постои среден степен на урбанизација со комбинација на куќи, деловни објекти и помал број колективни објекти, оптимално решение е гасификацијата.  

Со правилно комбинирање на инверторите и гасификацијата и нивно развивање од еден центар како Град Скопје, може да се добијат уште пониски цени за опремата и брзо решавање на проблемот на аерозагаденост со минимални финансиски средства.

 

 

 

 

13.09.2018 - 14:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега