Британскиот премиер Кир Стармер го опиша телефонскиот разговор на украинскиот претседател Володимир Зеленски со европските лидери по неговата средба со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа како продуктивен.

Зеленски и високи украински функционери ручаа со американскиот претседател во Вашингтон еден ден откако Трамп разговараше телефонски со рускиот претседател Владимир Путин.

На социјалната мрежа „Х“, Стармер повика на „праведен и траен мир“ во Украина.

„Вечерашниот разговор со Зеленски, другите европски лидери и генералниот секретар на НАТО беше продуктивен“, рече британскиот премиер.

„Ја повторив нашата непоколеблива посветеност на Украина во борбата против руската агресија. Обединетото Кралство ќе продолжи да испраќа хуманитарна помош и ќе продолжи да обезбедува воена поддршка“, нагласи Стармер.

Канцеларијата на британскиот премиер потврди дека Стармер разговарал со Зеленски за да „ја нагласи решителната поддршка на Обединетото Кралство за Украина“.

Exit mobile version