ССНМ бара Владата под итно да престане со дискредитација на новинарите

„Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро реагира на недоличниот и дрзок односот на министерот за економија, Крешник Бектеши, кон новинарите на денешната прес-конференција во Владата, на која тој ги нападна новинарите, омаловажувајќи ја нивната работа, професионалност и компетентност, и напаѓајќи го нивниот интегритет“. Ова е потенцирано во реакцијата на ССНМ во врска со денешните случувања меѓу министерот Бектеши и новинарката од Канал 5.

„Во делот предвиден за новинарски прашања Бектеши денеска наместо да одговори околу цените на природниот гас поставено од новинарката од Канал 5, ја обвини за поставување на туѓи новинарски прашања, а на укажувањето на новинарот од Телма ТВ дека на министерот не му е првпат да коментира новинарски прашања и оти тоа е безобразно од негова страна, Бектеши му одговори дека новинарите не се на прес-конеференцијата да коментираат туку да прашуваат.

ССНМ смета дека арогантниот и омаловажувачки однoс на Бектеши кон новинарите денеска не само што е скандалозен и неприфатлив, туку и ја отежнува работата на новинарите и медиумските работници и може  да предизвика самоцензура, непријателско однесување кон нив, загрозување на нивната безбедност, како и нарушување на нивниот интегритет.

Синдикатот бара од функционерите да престанат со дискредитација на новинарите и медиумските работници и да престанат да се впуштаат во оцена за тоа како, и за која цел, тие поставуваат прашања за кои постои јавен интерес“, стои во реакцијата на ССНМ.

„Денешниот неприфатлив однос на Бектеши кон новинарите е само уште еден во низата на неприфатливи однесувања на политичарите кон нив. кои зачестија во изминатиот период и за кои ССНМ смета деке е време да престанат. ССНМ сака да ги потсети политичарите и државните функционери дека нивната сензитивност кон новинарските прашања треба да биде многу висока, особено на прашања кои се однесуваат на нивните одлуки кои имаат импликации на буџетот и трошењето на народните пари“, се додава во реакцијата на ССНМ.

02.02.2023 - 17:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега