Средба Заев-Мицотакис: Економските односи меѓу двете земји бележат нагорен тренд

Претседателот на Владата Зоран Заев вечерва оствари средба со премиерот на Република Грција Кирјакос Мицотакис, на маргините на Самитот во Солун.

Премиерите Заев и Мицотакис, заедно со претседателот на Владата на Република Бугарија Бојко Борисов се поканети на Самитот како говорници на панелот насловен „Југоисточна Европа: Унапредување на регионалната соработка и реформи”.

– На средбата со премиерот Мицотакис, која помина во пријателска и конструктивна атмосфера, се разговараше за повеќе прашања, меѓу кои прашањето на поддршката на Грција во претстојниот период за да се забрза претстојниот процес за старт на преговорите на нашата земја за членство во ЕУ, соопшти вечерва владиниот Сектор за односи со јавноста.

Двајцата премиери изразиле согласност дека позитивниот исход на ова прашање со што ќе биде потврдена европската перспектива на Северна Македонија, ќе биде од огромен придонес за сигурноста и стабилноста на регионот и ќе биде дополнителен поттик за економските односи кои од потпишувањето на Договорот од Преспа бележат нагорен тренд.

Во разговорот било нагласено дека тоа е нов поттик за економските врски меѓу двете земји и произлегува и од фактот дека Грција е втор најголем трговски партнер на нашата земја, чија вредност на вкупните инвестиции во Македонија ја става на високото трето место.

Двајцата премиери на средбата ја потврдиле посветеноста на двете земји за целосна и непречена имплементација на обврските на двете страни утврдени во Договорот од Преспа. Како позначајни се истакнати заложбите за прогрес на работите на граничните премини кои ќе донесат придобивки за двете земји, за поврзување на регионите, како и за можноста што новите гранични премини ги отвораат за продлабочување на економската соработка.

На средбата меѓу претседателите на владите на Македонија и на Грција било истакнато дека ќе се обезбедат услови за поинтензивна работа на комисиите на двете земји кои работат на утврдувањето на трговските марки.

Претседателот на Владата на Република Македонија Заев на средбата истакнал дека очекува премиерот Мицотакис да ја посети нашата земја за да продолжат средбите кои ги охрабруваат односите меѓу двете земји.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

14.11.2019 - 21:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега