Претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин ќе се сретнат во Будимпешта. Ова доаѓа по вчерашниот телефонски разговор кој двајцата лидери го имаа за ситуацијата со Украина, во пресрет на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Белата Куќа.
Според пишувањата на американските медиуми, Зеленски и Трамп ќе разговараат за перспективите за мировни преговори и евентуално снабдување на Украина со ракети „Томохавк“ со долг дострел.
Трамп претходно кажа дека го предупредил Зеленски за можноста да му постави нов ултиматум на Путин: или Москва ќе седне на сериозни преговори, или Киев ќе добие модерни ракети.
Меѓутоа, официјален коментар за планираниот разговор од Белата куќа сѐ уште нема.
Во меѓувреме, во интервју за „Фокс њуз“ во неделата, Зеленски сигнализираше дека успехот на Трамп во преговорите за прекин на огнот во Газа му дава уште поголема доверба дека може да се постигне мир меѓу Русија и Украина. Доколку Трамп успее да ги натера Зеленски и Путин да си пружат рака, украинскиот претседател смета дека првиот човек на САД би можел да добие и Нобелова награда за мир.
„Но, ако тој го стори тоа, се надевам дека е така и нека го благослови Бог да може да го стори тоа, секако во овој случај ние ќе го номинираме и ќе бидеме горди да му честитаме“, рече Зеленски.

