Средба Спасовски-Брнз: Многу придонесува за успешни резултати во работата на полицијата

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оствари работна средба со амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз, на која се разговараше за последните акции на МВР и тековната техничка помош на САД за поддршка на Министерството.

Како што соопшти МВР, Спасовски се заблагодари за техничката поддршка што МВР ја добива од Амбасадата на САД, што  многу придонесува за успешни резултати во работата на полицијата. Амбасадорката Брнз, пак, го истакна значењето на неодамнешните акции во борбата со криминалот.

– Двајцата соговорници разговараа за техничката помош која Амбасадата на САД во Скопје континуирано ја дава на Министерството за внатрешни работи во јакнење на капацитетите на полицијата преку програмите ИЦИТАП и АТА. Во изминатите три децении, МВР и Амбасадата на САД соработуваа со цел да се постигнат заедничките цели во спроведувањето на законот и владеењето на правото, вклучително и обезбедување техничка и форензичка поддршка за конкретни случаи и обука и опрема за зајакнување на капацитетите на МВР. Сите овие активности придонесуваат за зголемена безбедност, поголема транспарентност и можност за истраги и гонење на корупција, тероризам, како и случаи на транснационален и организиран криминал, информира МВР.

Во соопштението е наведено дека министерот Спасовски и амбасадорката Брнз ја  потенцираа одличната соработка, која и во иднина ќе продолжи со засилен интензитет, во интерес на граѓаните на Република Македонија. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.04.2021 - 14:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа