Средба Пендаровски - Шмид: Подготовки за претседателство на РСМ со ОБСЕ во 2023 г.

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Хелга Марија Шмид, генерална секретарка на ОБСЕ, информираат од неговиот Кабинет.

На средбата било разговарано за севкупната соработка со организацијата, како и за подготовките за претседателството на Република Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година.

„Претседателот Пендаровски на средбата истакна дека нашата држава високо ја цени долгогодишната соработка и дијалог со ОБСЕ и посочи на значајниот придонес на мисијата на ОБСЕ во Скопје во поддршката на реформските процеси, а во функција на севкупниот напредок на државата и исполнување на нејзините европски аспирации. Претседателот Пендаровски на средбата рече дека за Република Северна Македонија е важна екпертизата на ОБСЕ во однос на судските реформи, борбата против корупцијата, доброто владеење, како и изборните реформи во линија со препораките и европските стандарди“, известуваат во соопштението до Кабинетот.

Согласно информациите на надлежните, на средбата претседателот Пендаровски и генералната секретарка Шмид размениле и мислења во однос на подготовките за претседателството на Република Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година.

Во тој контекст, претседателот Пендаровски ја истакнал подготвеноста на Македонија да даде активен придонес во промоцијата на вредностите и заложбите на ОБСЕ и изразил очекување дека претседателството ќе придонесе за видлива промоција на нашата држава како активен чинител на мултилатерален план.

22.10.2021 - 11:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега