Средба Пендаровски-Брун-Хансен: До крајот на годината Северна Македонија ќе стане членка на НАТО

Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими Началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Кралството Норвешка, адмирал Хакон Брун-Хансен.

На средбата беа разменети мислења за севкупната соработка меѓу Северна Македонија и Норвешка, особено за билатералната воена соработка. Соговорниците заклучија дека со идното членство на Северна Македонија во НАТО се отвораат нови можности за проширување на партнерството меѓу армиите на двете земји.

Претседателот Пендаровски се заблагодари за норвешката поддршка за аспирациите на Македонија за членство во НАТО, потврдена со ратификацијата на Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО од страна на норвешкиот парламент во јуни.

Претседателот Пендаровски изрази очекување дека во наредниот период ќе биде завршена ратификацијата во сите држави членки на Алијансата и до крајот на оваа година Северна Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО.

Северна Македонија, истакна претседателот Пендаровски на средбата, со својот придонес во мировните мисии на Алијансата, е активен поддржувач на мирот на глобално ниво и нејзиното зачленување во НАТО е одамна заслужено.

Со полноправното членство на Северна Македонија во НАТО, рече претседателот Пендаровски на средбата, ќе биде заокружена една од клучните стратешки определби на државата, што ќе придонесе за нејзиниот севкупен развој.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

13.08.2019 - 12:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега