Средба Османи - Дендиас: Добрососедските односи претставуваат еден од врвните приоритети на надворешната политика на новата Влада

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи во рамки на работната посета на Атина, оствари работна средба со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас.

-Сметам дека испраќаме убава порака со мојата прва средба како Министер за надворешни работи овде во Атина, што е одраз на исклучително успешниот напредок на односите меѓу двете земји во изминатиот период. Справувањето со пандемијата КОВИД-19 покажа дека соработката меѓу соседите е апсолутно неопходна и претставува огромен бенефит за граѓаните во двете земји. Сакам да ве уверам дека Добрососедските односи претставуваат еден од врвните приоритети на надворешната политика на новата Влада, и ние цврсто сме решени сериозно да се посветиме во насока на продлабочување билатерални односи меѓу „Северна“ Македонија и Грција, не само со имплементација на преземените обврски, туку и со конкретни форми на соработка, водени од заедничката визија за стабилен и просперитетен Регион, интегриран во ЕУ, истакнал Османи.

За време на разговорот, како што соопшти прес-службата на МНР, Османи ја потенцираше улогата на експертските комисии за билатералните односи за кои изрази уверување дека ќе се обезбедат услови за нивна непречена работа и покрај предизвиците од пандемијата.

На средбата беше потенцирано дека Македонија се наоѓа пред една значајна фаза во напредокот во интеграцијата во Европската унија, која до крајот на оваа година се очекува да биде надградена со одржување на Меѓувладината конференција и формалното започнување на пристапните преговори со Унијата, за што Дендиас изрази уверување за несебична поддршка на обој процес.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.09.2020 - 18:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега