Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со министерот за трговија и интеграции на Република Казахстан, Арман Шакалиев, кој престојува во официјална посета на земјава заедно со претставници на казахстанска деловна заедница.
На средбата беа потврдени пријателските односи меѓу двете земји, при што, претседателката нагласи дека средбите на највисоко ниво во изминатиот период, вклучително и разговорите со претседателот Касим-Жомарт Токаев на Астана форумот и на Самитот КОП 29 во Баку, како и неодамнешното заедничко учество на Дипломатскиот форум во Анталија, значајно придонеле за зајакнување на меѓусебната доверба и политичкиот дијалог.
Во разговорот беше истакната заедничката заложба за унапредување на економската соработка, особено во областа на енергетиката и обновливите извори на енергија, трговската размена, како и во културата и туризмот.
Претседателката го поздрави одржувањето на Вториот македонско-казахстански бизнис-форум во Скопје, како и потпишувањето на двата важни документи: Договорот за македонско-казахстански бизнис совет и Меморандумот за промоција на трговијата и економската соработка.
Казахстанските претставници особено се заинтересирани за инвестиции во слободната економската зона Бунарџик, заради можноста за полесен пристап до европскиот пазар.
Претседателката и министерот ја реафирмираа заложбата на малите и средни држави за мултилатерализам и потребата од зајакнување на улогата на ОН во меѓународниот поредок.


