Средба на претставници на СКСЗМ со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски

Издградбата на автопатот Скопје-Блаце, со цел на подобрување на трговската размена, доделување на посебен статус на зоната на Визбегово, развој на зимскиот и летен туризам во Попова Шапка, подобра комуникација меѓу стопанските комори во земјата со Владата, за тие да се вклучат во процесот на донесување на одлуките и сите политики кои влијаат врз бизнисите, реформи во јавните и државни институции, вклучувајќи ги стопанските комори во експертската група на Фондот за иновации и технолошки Развој, во избор на проектите од првата фаза…се дел од барањата кои биле претставени на денешната средба на Стопанската комора на Северозападна Македонија со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Претседателот на Стопанската Комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), Неби Хоџа истакна дека реалните барања кои постојат во бизнис секторот во нашата земја, се групираат во Платформата за Економски развој на Република Македонија, подготвена од страна на СКСЗМ.

-Горенаведената платформа како официјален документ содржи фундаментални принципи врз кои треба да соработуваат бизнис заедницата со политичките партии кои ќе бидат дел од власта. Таа содржи 93 мерки, поделени на девет разни области, рече Хоџа.

Хоџа најави дека тие како стопанска комора ќе ги анализираат сите предлози од другите политички партии и ќе направат анализа во однос на нивната платформа кои од барањата ќе бидат имплементирани и како да се најде начин, механизам тие барања да бидат загарантирани и временски реализирани. Додаде дека за тоа треба храброст, одлучност и транспарентност од сите политички партии и се надева дека таквата политика со соработка и со комуникација со бизнис секторот ќе ги следи и во мандатот на идната власт.

На новинарско прашање во врска со денешните најавени инвестиции во патиштата и рамниот данок од 8 отсто, претседателот Хоџа рече дека се изводливи, ако сите се бориме против сивата економија, која во регионот е повеќе присутна.

-Барањата од бизнис секторот во минатата власт беа рамниот данок да се продолжи, бидејќи прогресивниот данок се покажа како неефикасен и го вратија рамниот данок. Меѓутоа, со рамен данок од осум отсто компаниите би имале поголема можност да плаќаат како квантитет повеќе, а би имале можност да заработуваат повеќе и да имаат подобар бизнис биланс во нивните компании, изјави Хоџа.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека е од исклучително значење не само за граѓаните, туку и за реалниот сектор и за стопанските комори, сето она кое што како политичари, како политички партии го преземаат како обврска и го ветуваат дека ќе го вклучат во нивните програми потоа и да го испорачат.

-Мислам дека помина времето на лажни ветувања, импровизации. Граѓаните се незадоволни, бизнис секторот е генерално незадоволен и како што кажав многу во минатото е ветувано, но за жал многу малку е реализирано и испорачано, посочи Мицкоски.

Тој рече дека ќе има и конкретни датуми и конкретни рокови, а ќе има и цена на чинење на тие проекти. Додаде дека дел од проектите ќе бидат реализирани и ќе бидат отпочнати со реализација веднаш во текот на еден мандат на ВМРО-ДПМНЕ, дел ќе бидат тековни. Така што апсолутно сето она што како обврска ќе си го преземе како една макотрпна работа се обврзуваме и пред граѓаните и пред реалниот сектор, да го испорачаме.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.02.2020 - 16:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа