Средба Џафери-Меј: Посилно Собрание значи посилна Македонија

 

Собранието на Република Македонија е посветено на вистинската улога на законодавниот дом, а резултат за тоа е неодамна добиениот Извештај за напредокот од Европската комисија, истакна поладнево спикерот на македонскиот Парламент Талат Џафери на приемот во чест на премиерката на Обединетото Кралство, Тереза Меј.

- Ова е дом на граѓаните, отворен и достапен за сите добронамерници, и за да постигнеме транспарентно и вистински функционално Собрание, постојано правиме реформи по примерот на земјите во кои парламентарната демократија е одамна воспоставена. Имаме несебична помош од нашите меѓународни пријатели: Проектот Вилтон Парк за градење на ефикасен и независен парламент е реализиран со поддршка на Владата на Обединетото Кралство и Фондацијата Вестминстер и таму, и власта и опозицијата, дадоа свој несебичен придонес, истакна Џафери.

Премиерката Меј рече дека најуспешните парламенти имаат две заеднички работи. Првата, дека тоа се места каде граѓаните имаат слободен пристап до своите претставници и знаат каква работа се врши во нивно име,  а втората е дека парламентите треба да бидат места каде пратениците се во позиција и сакаат да ја предизвикаат Владата и другите јавни институции со прашања за нивните активности и политики. 

- Знам дека изминатава година оваа зграда посведочи тешки времиња. Но свесна сум и за промените кои се случија оттогаш и за желбата за реформи во насока ова Собрание да ги исполни ваквите стандарди. Горда сум што Обединетото Кралство ги поддржува овие реформи преку нашите програми за финансирање. Кога владее демократијата, придобивките ги чувствуваме сите. Посилно Собрание значи посилна Македонија, порача Меј.

 

 

 

17.05.2018 - 19:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега