Средба Бектеши – Брнз: САД се наш стратешки партнер – поддршката на бизнисот клучна за развој на економијата

Досегашната соработка помеѓу Македонија и САД, но и можностите за соработка во иднина, особено во полето на економијата, беа главни теми на денешната средба на министерот за економија Крешник Бектеши со американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз.

Како што соопшти Министерството за економија, на средбата амбасадорката Брнз упати честитка за изборот на новата Влада, како и за повторниот избор на Бектеши на министерската функција.

Во рамките на состанокот, министерот Бектеши ги презентираше реализираните проекти и планираните активности на Министерството за економија во делот на енергетиката, трговијата, иновациите, поддршката на странските инвеститори, како и поддршката на младите претприемачи.

Бектеши потенцираше дека од една од главните цели на Министерството за економија е поддршката на малите и средни компании заради зголемување на нивната конкурентност, како на домашниот, така и на странските пазари.

Министерот информираше дека во делот на реформите за подобрување на условите за водење бизнис Mинистерството изготви законско решение со кое се овозможува отворање на фирма со почетен капитал од едно евро, што ќе значи дополнителен поттик за младите претприемачи да се охрабрат да започнат бизнис.

Во делот на енергетиката Бектеши се заблагодари за поддршката што ја дадоа САД во изготвувањето на Законот за енергетика, кој е од стратешка важност за обезбедување на енергетска стабилност на државата.

Тој ја информираше амбасадорката Брнз за стратешките проекти во делот на енергетиката кои што се спроведуваат во моментов и кои е предвидено да се реализираат во наредниот период,  што ќе значат подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани.

Двајцата соговорници се согласија дека клучен предизвик за македонската економија во моментот е справување со социо-економските последици предизвикани од пандемијата на вирусот Ковид-19, како и мерките за рестарт на економијата, се наведува во соопштението на Министерството за економнија. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

24.09.2020 - 13:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега