Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска ги потпиша указите за прогласување на пакетот судски закони, со што тие официјално стапија во сила. Оваа одлука доаѓа по нивното усвојување во српскиот парламент на 28 јануари, но и покрај сериозните предупредувања од Брисел дека овие законски решенија претставуваат чекор наназад во евроинтеграцискиот процес на земјата.
Европската комисија веднаш по гласањето упати повик до српските власти итно да ги преиспитаат законите и да ги усогласат со европските стандарди. Според официјален Брисел, новите измени директно ја загрозуваат независноста на судската власт, како и автономијата во работата на јавните обвинителства. Европската комесарка за проширување, Марта Кос, истакна дека од секоја земја кандидат за членство во Унијата се очекува одговорно и транспарентно постапување, нагласувајќи дека носењето на овие закони по забрзана постапка и без јавна дебата е сериозен удар врз реформите.
„Усвојувањето на вакви законски решенија без консултации со јавноста претставува сериозен чекор назад за Србија“, изјави комесарката Кос.
Истовремено, српската опозиција остро реагираше на потегот на шефот на државата, тврдејќи дека вистинската цел на измените е воспоставување на целосна политичка контрола врз правосудниот систем. Опозициските партии предупредуваат дека со новиот закон за јавно обвинителство и измените за судиите, дополнително ќе се намали нивната независност. Тие потсетуваат дека во собраниската процедура беа експресно одбиени сите нивни амандмани, што според нив потврдува дека власта нема намера да го почитува принципот на поделба на власта.

