Србија е петта во Европа по стапката на новозаразени со коронавирус

Состојбата со епидемијата е сериозна, а Србија е петта во Европа според бројот на нови случаи на 100.000 граѓани, изјави за РТС директорот на Канцеларијата на СЗО во Србија, Маријан Ивануша.

Тој додава дека британскиот вид на вирусот кој се пренесува полесно и кој предизвикува потешка форма на болеста, се шири интензивно.

Вчера во Србија беа потврдени 4.769 нови случаи на заболени со коронавирус, а починаа 32 пациенти. Нова седница на Кризниот штаб е закажана за утре во осум часот.

Како што јавува РТС, лекарите предупредуваат дека расте бројот на сериозно болни пациенти, дека клиничката слика станува сè потешка и дека расте бројот на згрижени лица во болниците, но и оние поврзани на респиратор.

Епидемиологот и член на кризниот штаб, Предраг Кон, предупредува дека здравствениот систем е пред колапс и дека само почитувањето на мерките може да го спаси.

„Повторно јасно би предупредил: аман, луѓе, ве молам, разберете дека здравствениот систем е пред колапs и дека може да се зачува само ако се почитуваат мерките“, предупреди Кон за РТС.

Како што рече, луѓето во црвените зони молчат и немаат повеќе зборови.

Проф. Д-р Радмило Јанковиќ, заменик генерален директор на Универзитетскиот клинички центар „Ниш“, изјави за РТС дека ситуацијата е тешка и тажна.

Тој изјави дека оние што мислат дека со избегнување на вакцината ќе избегнат контакт со вирусот се во голема заблуда.

„Не можам да кажам на никого – може да се заразиш и нема да ти биде ништо, буквално не се знае кој како ќе помине. Секако, едно е сигурно, оној што не е вакциниран кога тогаш ќе дојде во контакт со вирусот“, рече Јанковиќ.

Тој посочува дека вирусот нема едноставно само да исчезне и дека вакцината е единствениот излез.

„Вакцината е нашиот единствен излез, нема друг, вирусот нема сам да исчезне, тој ќе биде тука уште долго време, веројатно како сезонскиот грип“, рече Јанковиќ.

Според последните податоци на Владата, досега во Србија биле извршени вкупно 2.178.930 вакцинации. Втората доза ја примиле 865.018 граѓани.

Србија е прва во Европа според бројот на граѓани кои примиле втора доза на вакцина на милион жители.

Макфакс

 

 

 

Добивајте вести на Viber

23.03.2021 - 09:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега