Според ЕУ нема никаков „нон-пејпер“ за прекројување на границите на Балканот

Никаков нон-пејпер за прекројување на границите на Западен Балкан не кружел меѓу членовите на Европскиот совет, ниту пак било дискутирано во ниту едно работно тело на Советот, се наведува во непотпишаниот одговор на пратеничкото прашање,  пишува српската Н1.


ЕУ стави крај на шпекулациите за „нон пејперот“ што наводно, словенечкиот премиер Јанез Јанша пролетва го проследи до европските лидери. Прашањата поврзани со Западен Балкан, на 15 јули ги поставил словенечкиот пратеник Клемен Гросеj, член на политичката група „Да ја обновиме Европа“ и член на неколку работни тела на Европскиот парламент. Идејата за прекројувањето на границите најмногу ги вознемири политичарите во БиХ.

-Темите во тој документ би имале далекусежни импликации за политичката стабилност на земјите од Западен Балкан, и на тој начин би имале значајни последици за политиката на Европската Унија кон целиот регион“, рече тогаш Гросеj, барајќи пристап до контроверзниот документ, без оглед на степенот на тајност.

Сега и официјално стигна одговор дека таков договор не постои.

Неколку пати, различни претставници на институциите на ЕУ тврдеа дека никогаш не виделе „словенечки нон пејпер“ за прекројување на границите, а самиот Јанша го негираше авторството на таков документ, но шпекулациите секогаш одново беа поттикнати со нови „информации“ кои наводно излегуваа во јавност.

Наводно, документот предлагаше припојување на Република Српска кон Србија, делови од Црна Гора и Македонија со албанско мнозинство во Албанија и припојување на западна Херцеговина кон Хрватска.

Претставници на Европската Унија претходно изјавија дека границите на Западен Балкан се „затворено прашање“.

23.09.2021 - 19:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега