Светски познатиот шпански тенор Хозе Карерас, заедно со најголемите македонски музички великани, ќе биде дел од големата прослава по повод одбележувањето на 35 години од независноста на Република Македонија, најави денеска владината портпаролка Марија Митева.

Митева истакна дека Владата се подготвува за сериозно и достоинствено одбележување на овој голем јубилеј за државата, а концертот на Карерас во соработка со домашните уметници ќе биде вистински музички деликатес за граѓаните.

Портпаролката најави незаборавно доживување и врвна организација:

„Денеска можеме да најавиме навистина уште една интернационална музичка ѕвезда, но уште поважно навистина македонски ’ол-стар‘ (allstar) којшто заедно со Хозе Карерас ќе имаат исклучително одличен концерт. Како Влада покажуваме дека навистина сакаме граѓаните да уживаат и достоинствено заедно со музичките великани да покажеме дека Македонија има капацитет да организира настани за меѓународни ѕвезди.“

Таа потенцираше дека сите детали околу организацијата веќе се достојно презентирани од страна на организаторот и самите учесници, но најави дека ова е само почеток на изненадувањата.

Exit mobile version