Спасовски за Радио Слободна Европа: Во тек се акции за сузбивање на големи криминални групи инволвирани во шверц со дрога и улични дилери

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за Радио Слободна Европа за акциите на МВР во сузбивањето на недозволената трговија со дрога, рече: „Токму борбата против трговијата со наркотични средства и трговијата со оружје е еден од приоритетите во борбата против организираниот криминал и кон тоа сме насочени целиот изминат период. Секако дека таа војна која ја води МВР заедно со јавните обвинителства резултира со многу случаи по кои не само што имаме детектирано, туку и разбиено криминални групи насочени кон продажба на дрога”.

Притоа, тој ја посочи оперативната активност која се одвива на територијата на целата држава и на град Скопје токму за сузбивање на уличното дилерство на дрога.

„Најголемата акција беше на територија на Скопје во којашто имаше претерес на 5 локации и се уапсени 3 лица. За жал, тука имавме наставник кој учествува во образовен процес, а вкупната вредност на дрогата која би ја достигнала на црниот пазар е околу 500.000 евра разновидна дрога: амфетамини, кокаин, марихуана и хероин. Секако, тука беа пронајдени и оружје и, муниција, и тоа е една од најголемите акции за сузбивање на голема криминална група овде на територија на градот Скопје. Инаку, на територија на државата имаме околу 36 претреси во исто време направени, во кои се откриени поголеми количини на дрога, приведени 35 лица за кои се води постапка. Тоа е активноста во која практично се преземаат мерки секојдневно за сузбивање на трговијата со дрога”, елаборираше министерот Спасовски.

Во однос на приведениот наставник, министерот Спасовски беше дециден: „Тоа нѐ упатува на една заедничка акција. Многу е важно за образовниот процес и воспитанието на младите генерации и за сите нас, како ја подигаме јавната свест. Тоа е добро прашање - како се доведуваме до вакви состојби?! Мислам дека со динаминката во која живееме сите ние, многу повеќе време посветуваме на некои маргинални работи во животот, а не се насочуваме кон тоа што ни е суштина, бидејќи навистина образованието и воспитанието се меѓу клучните работи во сите сегменти во општественото живеење. Кога зборувам за образование, мислам токму на образовниот процес. Знаете, имавме период во време на режимот во кој образованието беше замислено како купување на диплома во трафика. Без да се помине тој образовен процес којшто ќе креира квалитетни кадри во институциите на системот, ќе ни се појавуваат ваквите аномалии, бидејќи знаете дека тоа е еден од кличните аспекти. Тоа го говорам како човек, меѓутоа како министер за внатрешни работи ќе повторам дека исклучително сме насочени кон разбивање на вакви криминални структури”.

Министерот Спасовски потсети на оперативната акција „Безбедно лето”, којашто даде извонредни резултати во делот на намалување на криминалитетот и зголемување на откривачката функција, но и на актуелниот оперативен план „Безбеден град”, кој е насочен токму на откривање и санкционирање на криминалните структури и групи, која од подрачјето на Скопје ќе се прошири на подрачјата и на останатите сектори за внатрешни работи.

26.03.2023 - 18:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега