Спасовски за белградска „Политика”: Соработуваме како најблиски соседи со Србија, имаме и одлична полициска соработка

Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за белградска „Политика” одговараше на прашања на повеќе теми меѓу кои и за односите помеѓу Република Северна Македонија и Република Србија, за иницијативата „Отворен Балкан, како и за регионалните импликации во врска со договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

Запрашан за заедничката иницијатива „Отворен Балкан, односно колку е олеснет преминот на стоки и кога може да се очекува проток на луѓе без задржувања на граничните премини, Спасовски истакна:

Отворен Балкан се залага за стабилен регион, мир, соработка и економски развој, со цел во еден момент Западен Балкан да биде дел од ЕУ. Оваа иницијатива е плодна почва за историски чекори напред и ни овозможува да го олесниме слободното движење на луѓе, стоки и услуги, да отвориме нови пазари, да ги подобриме добрососедските односи, а напредокот на регионот е чекор напред кон вредностите на ЕУ. Големи придобивки овозможуваат полесниот проток на стоки, а се подготвуваат и софтверски решенија за електронска контрола на патниците. Со Србија е потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владите за мерки за подобрување на движењето на луѓе и стоки преку државната граница, особено Табановце-Прешево, намалување на гужвите особено за време на туристичката сезона. А пред три месеци го потпишавме Протоколот за начинот на вршење гранични проверки на заедничкиот граничен премин Лојане-Миратовац”, рече министерот Спасовски.

На прашањето околу влијанието на договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, кој се потпиша во Охрид, Спасовски рече:

„Премногу конфликти и војни го попречија развојот на нашиот регион и нашите земји. Јасно е дека безбедноста е основа за развој на една земја, но и на еден регион. Уморни сме да не нарекуваат буре барут. Позитивниот исход во односите меѓу Косово и Србија има одлучувачко влијание во целиот регион. Договорот за нормализирање на нивните односи беше оценет како огромно достигнување со регионален придонес. Крајно време е да станеме пример за безбеден регион, без отворени прашања, со добрососедски односи и посилна регионална соработка. На крајот на денот, сите имаме една цел - да бидеме дел од европското семејство, да ги имплементираме европските вредности и да обезбедиме подобар животен стандард за граѓаните“, истакна Спасовски.

Во однос на оценката за нивото на соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Србија, министерот Спасовски рече:

 

„Нашата соработка се карактеризира со одлични добрососедски односи и заедничка цел Западен Балкан да стане регион на траен мир, целосно интегриран во ЕУ. Веќе немаме отворени прашања, градиме меѓусебна доверба, соработуваме како најблиски соседи и вистински искрени пријатели. Одлична е и меѓусебната соработка на полициско ниво, преку размена на оперативни сознанија и заеднички активности, како и сузбивање на прекуграничниот криминал. Изминатиот период беше одбележан со интензивна соработка преку иницијативата Отворен Балкан, како и преку Берлинскиот процес, а предизвиците од економската и енергетската криза ги надминавме и билатерално. Потпишавме заеднички договори во областа на енергетиката и инфраструктурата, што отвора нови перспективи. Од економски аспект, Србија е четврти трговски партнер на РСМ. Секако, сето тоа може да се подобри за да има уште попозитивни ефекти за двете земји, истакна министерот Спасовски.

 

03.06.2023 - 11:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега