Спасовски во Лондон: Наша стратешка цел останува членството на Северна Македонија во ЕУ

Претседателот на Владата на Република Македонија Оливер Спасовски учествуваше на Самитот за Западен Балкан, што во организација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), денеска се одржува во Лондон.

Со тоа започна работната посета на премиерот Спасовски и на делегацијата на Владата на Македонија, во чиј состав се и министерката за финансии Нина Ангеловска и министерот за економија Крешник Бектеши, во Лондон, во рамките на која во текот на денот се предвидени и повеќе други средби.
Претседателот на Владата Спасовски, заедно со премиерката на Србија Ана Брнабиќ, со премиерот на Албанија Еди Рама, со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија, со премиерот на Косово Албин Курти, и премиерот на Црна Гора Душко Марковиќ, учествуваше на панелот на кој шефовите на влади на земјите од Западен Балкан ги презентираа нивните погледи за приоритетите на регионалните проекти за кои се очекува поддршка од ЕБОР и од другите финансиски институции и фондови на ЕУ.
Премиерот Спасовски за време на сесијата прашања и одговори за Македонија од пакетот проекти од регионално значење ги издвои инфраструктурните проекти како што е изградбата на патната и железничката инфраструктура на Коридорот 8, изградбата на автопатот Скопје – Блаце, од западно-источниот медитерански коридор, заедничката гранична контрола на железничкиот правец Белград-Скопје-Солун, вклучително со изградениот заедничкиот граничен премин Табановце – Прешево, и заедничко управување на граничните и царински контроли со едно застанување - One-stop-shop, и интерконекцијата за гасно поврзување меѓу Македонија и Грција, со која ќе се овозможи изградба на околу 120 километри гасоводна мрежа, (околу шеесет километри на македонска и шеесет километри на грчка страна), што претставува иницијатива за развој на нови гасни коридори во Југоисточна Европа.
„Наша стратешка цел останува членството на Северна Македонија во ЕУ. Главните напори на Владата се насочени кон исполнување на таа цел, особено донесување на одлука за почеток на пристапните преговори. Во таа насока ја прифативме максимално ангажирано регионалната соработка како предуслов за интеграцијата во ЕУ“, потенцираше премиерот Спасовски на панелот на прашања и одговори со лидерите на Западен Балкан на Самитот во Лондон во организација на ЕБОР.
Спасовски додаде дека Северна Македонија ја прифати и силно се залага за максимална инклузивност во иницијативата за зајакнување на регионалната соработка и досега многу ангажирано учествуваше на регионалните самити на земјите од Западен Балкан во Нови Сад, Охрид и Тирана.
„Како признание за лидерските иницијативи на Северна Македонија, на нашата земја ѝ е дадено ко-претседавањето на Берлинскиот процес за регионална соработка, заедно со Бугарија. Нашата земја е прва надвор од ЕУ на која и е дадена таа привилегија, и на неа гледаме како на можност за дополнително зацврстување на регионалната соработка и поттик за регионалните проекти за поврзување“, истакна претседателот на Владата на Северна Македонија Спасовски.
Во завршницата на панелот на шефови на влади на земјите од Западен Балкан, премиерот Спасовски на прашањето зошто странските компании да инвестираат во Северна Македонија, истакна дека нашата земја е пред формализирање на членството во НАТО, што е гаранција за стабилност и сигурност за инвестициите. Очекуваниот почеток на преговорите со ЕУ ја прави Северна Македонија дополнителна посакувана дестинација за инвестирање, вклучително со можностите од долгорочната Програма за економски раст на Владата, која предвидува голем број олеснувања и придобивки за странските инвеститори.
Како аргумент за атрактивноста на Република Северна Македонија за странските инвеститори премиерот Спасовски ја истакна рекордната вредност на странските вложувања од 740 милиони евра за само две години во мандатот на Владата на СДСМ и коалицијата, како и листата на инвеститори меѓу кои се многу познати и референтни глобални компании од Европа и САД.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

24.02.2020 - 14:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега