Спасовски: Реформите и заложбите за едно општество се врвен приоритет за остварување на евроатлантските интеграции

Потпретседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со премиерот Заев, денеска зеде учество на трибината „Фер општество - шанса за сите“ во Куманово. Во своето обраќање пред граѓаните на општината Спасовски, подвлече дека реформите и законските решенија во областа на заштитата на човековите права без разлика на верската и националната припадност на граѓаните за остварување на концептот „Фер општество – шанса за сите“, се врвен приоритет за Владата на РСМ со цел остварување на евроатлантската интеграција на државата.

„За среќа, со оваа програмска определба, врз основа на храброста, на визијата  на претседателот на Владата Зоран Заев, ние имаме можност да ја живееме таа интеграција на Република Северна Македонија и во НАТО и во Европската Унија и ова ќе остане запишано во историјата за напредокот на нашата држава“, рече вицепремиерот Спасовски, потенцирајќи дека Владата на Македонија го надградува и поддржува концептот за едно општество  со цел постигнување на помирување во државата и градење поголема доверба кај сите граѓани на државата.

Вицепремиерот Спасовски го посочи Куманово како пример за соживот на заедниците и порача дека меѓусебното почитување и соработка може да придонесе за поголеми успеси за Македонија, додавајќи дека не помалку важен сегмент во развојот на државата е борбата против криминалот и корупцијата, нешто што како што оцени беше рак-рана на земјата во изминативе години.

Потпретседателот на Владата, Спасовски посочи дека суштинските реформи кои се преземени, се со цел да се воведат нови вредности со кои ќе се врати довербата во институциите и партнерскиот однос меѓу нив и граѓаните.

„Ќе споменам само два настани кои се случија и кои го креираа таквото мислење на недоверба кон Министерството за внатрешни работи, а тоа е прислушувањето кога беа нарушени човековите права и настаните од 27-ми април во Собранието на Република Северна Македонија“, посочи вицепремиерот Спасовски додавајќи дека помина времето кога интересите на криминогените групи беа водени директно од власта. 

Вицепремиерот Спасовски во своето обраќање се задржа на реформите на безбедносните служби, вклучително формирањето на Оперативно-техничката агенција (ОТА), која, како што оцени е со цел да се надмине стравот на граѓаните дека државата нелегално следи и прислушкува, како и овозможениот систем на повеќестепена контрола од судската власт, од Парламентот и граѓанскиот сектор како придобивка за гарантирање на човековите права и слободен развој на економијата.

„Ќе напоменам дека во тек е реформата на безбедносните служби и законските решенија се веќе во Собранието на РСМ, за формирање на посебна Агенција за национална безбедност која треба да почне да функционира од први јуни кога ќе се завршат сите постапки“, оцени Спасовски, кој додаде дека за прв пат е воведен принцип на надворешна контрола на полицијата и формирање на национални  тела за борба против корупцијата, тероризмот и националниот екстремизам  кој веќе даваат резултати.

„Куманово беше неправедно дискриминирано во државата во сите изминати 11 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, градот беше заборавен, избришан од картата на државата. Ние испланиравме проекти кои ќе се реализираа оваа година, кои се исклучително важни“, рече потпретседателот Спасовски, посочувајќи дека веќе е завршена реконструкцијата на патниот правец Старо Нагоричане-Пелинце, каде остануваат уште 4 километри до граничниот премин кои ќе се завршат до крајот на март.

 

Вицепремиерот Спасовски уште посочи дека во завршна фаза е спортската сала во село Черкези и дека веќе се започнати постапки за градба на нова спортска сала во уште едно училиште, како и уште неколку инфраструктурни проекти во општина Куманово.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.03.2019 - 16:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега