Спасовски на средба со Црногорската заедница: Не постојат големи и мали заедници, сите се важни

Претседателот на Владата Оливер Спасовски, придружуван од заменик-министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Неџад Мехмедовиќ беше во посета на претставниците на Црногорската заедница во Република Северна Македонија и беше пречекан од претседателот на Заедницата, Борис Попивода.
На средбата покрај останатите претставници на Црногорската заедница, присуствуваше и амбасадорката на Република Црна Гора во нашата земја, Марија Петровиќ.
„Денеска сме тука да покажеме дека секоја заедница во нашата држава е од особена и подеднаква важност. Не постојат големи и мали заедници, како што не постојат големи и мали градови. Секој е важен. Црногорската заедница во Северна Македонија е особено ценета и ја има целосната поддршка од Владата. Ние сме пријателски народи и нашите држави немаат отворени прашања“, рече премиерот Спасовски.
Премиерот Спасовски истакна дека оваа посета и средба е дел од концептот на Владата, со кој се покажува дека сите заедници се важни во градењето на општество со еднакви права за сите граѓани и се покажува дека европски вредности за почитување, солидарност и неправењето разлика меѓу луѓето од различни етнички заедници се имплементираат и е остварен концепт за живеење на сите граѓани.
На средбата од претседателот на Црногорската заедница Попивода и присутните членови беше поздравен придонесот на Владата кон создавање на услови за учество на Заедницата во граѓанскиот концепт на државата и исполнување на нивните цели за напредок, како и негувањето на црногорските културни и духовни вредности, негувањето и развојот на црногорскиот јазик, книжевноста и фолклорните традиции.
На средбата соговорниците искажаа очекувања за целосна интеграција на двете држави во Европската Унија, преку блиска и доследна соработка со меѓународните партнери и беше истакната поддршката за членството на Северна Македонија во НАТО и потенцирана обединетоста на двете држави, Северна Македонија и Црна Гора во напорите за создавање стабилен регион и остварување на заеднички перспективи.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

28.01.2020 - 20:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега