Спасовски: МВР е посветено кон натамошно зајакнување на начелата на транспарентност и отчетност

 Министерството за внатрешни работи е посветено кон натамошното развивање и зајакнување на начелата на транспарентност и отчетност. Тоа се цели кои за нас имаат првостепено значење, како најдобар и единствен начин да се гради доверба, но и уште потесна соработка со граѓаните, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Тој денеска учествуваше на Национална конференција за демократско полициско работење на тема „Кон транспарентна, отчетна и инклузивна полиција во Северна Македонија“ во организација на ЕВРОТИНК – Центарот за европски стратегии.

Министерот порача дека фокусот на МВР во натамошното унапредување на позициите и улога на полицијата во јавноста, меѓу граѓаните е насочен во неколку правци на делување.

-Најпрво во сферата на максимална комуникациска коректност и отвореност пред граѓаните и медиумите во генералното унапредување на разбирањето на полициската работа со сите нејзини сегменти: делокруг на надлежности, процедуралност, постапувања, стручност и професионалност, со користење на сите модерни, технички и други стандардизирани механизми на комуникација, вклучително и јавните и други кампањи, проекти и слично, рече Спасовски.

Според Спасовски, податоците на Центарот за граѓански комуникации за активната транспарентност на полицијата, зборува дека Министерството за внатрешни работи во минатата 2021 година било оценета како „многу добра“ што  покажува дека МВР е на вистинскиот пат во намерите целосно да се оживотвори концептот на „community policing“ на отворена и инклузивна служба во име и во интерес на граѓаните.

-Практично, анализата и оценките на Центарот за граѓански комуникации покажуваат дека ние како министерство постојано ја подобруваме својата активна транспарентност поминувајќи од 2016 година до денес, преку три нивоа – од просечна, преку добра, во многу добра активна транспарентност. Зошто ја истакнувам активната транспарентност? Пред сѐ затоа што таа е оценка за транспарентноста која се базира на вантрешната политика на МВР да објавува податоци кои се од јавен интерес, да биде транспарентно пред граѓаните, односно пред заедницата  и тогаш кога тие немаат поднесено барање за достапност до информации, подвлече министерот Спасовски.

Меѓу другото, Спасовски во го нотираше и документот „Концептот за човекови права за полицијата“ којшто е резултат од заедничката соработка меѓу наши и странски експерти, и вработени во МВР, а наменет за сите полициски службеници, односно за нивно поквалитетно и поефикасно професионално работење при примената на полициските овластувања во контекст на заштитата и почитувањето на човековите права и слободи.

17.06.2022 - 13:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега