Спасовски: Истрагата за дојавите за бомби е брза

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во гостувањето во емисијата „10 минути“ на ТВ 21, на прашањето за дојавите за бомби и дали има најави дека ќе продолжат, истакна дека денешниот ден е уште еден доказ дека станува збор за хибридни напади, кои не случајно се појавија повторно кога се наближува од висок ризик.

„Истрагата е брза, меѓутоа за да биде конечна мора да имате обезбедено факти и докази. За два дена во Скопје се откри оној кој што ги праќаше дојавите. Го имаме откриено сторителот за дојавите во Кавадарци, за Делчево... “, објасни тој.

На прашањето, во предвечерјето на големиот ден 4 февруари - денот на раѓањето на Гоце Делчев кој ќе може или нема да може да влезе во државава, Спасовски нагласи дека сите подготовки се завршени и веќе се постапува по безбедносните планови и протоколи што се однесува до организацијата.

„Се процени дека настанот е од висок ризик, поради тоа што имаше делување на радикални структури од Бугарија, секако поддржани од радикални структури овде, во Северна Македонија. И тоа ги зголеми тензиите до степен да се создава вознемиреност кај граѓаните. Затоа се преземаат и низа на мерки кои, пред сѐ, ќе гарантираат стабилност, зачувување на јавниот ред и мир и најважно достоинствено празнување и чествување на ликот и делото на македонскиот револуционер и великан Гоце Делчев. Имаме најави за одредена бројка луѓе кои што би сакале да присуствуваат, меѓутоа ќе видиме дали тие најави ќе бидат остварени, затоа што најавите беа дека ќе имаме од 100 -150 лица, кои сега се намалуваат, па на крајот ќе видиме конечно“, рече Спасовски, додавајќи дека секој еден кој што ја навредува македонската држава, македонскиот народ нема да му биде дозволено да присуствува на свеченоста.

За средбата во Скопје со бугарскиот колега Спасовски потсети дека таа и беше реализирана во насока на намалување на ескалацијата.

„Добрите односи на Северна Македонија со било кој од соседите се важни не само билатерално, меѓу двете држави, туку тоа е важно и за состојбите во регионот. И во тој правец сметаме дека колку ќе бидат подобри и отворени односите помеѓу сите соседни држави, па и со Бугарија, толку подобро ќе биде за целиот регион. Се согласивме дека не треба да се дозволи никаква ескалација, пред сѐ од ектремисти, од неодговорни политичари кои што заради својот политички рејтинг сакаат да им наштетат на односите и да ги креваат тензиите“, дециден беше министерот Спасовски.

Прашан дали ќе има полиција од Бугарија утре, Спасовски повторно со јасен став: „Не, нема да има полиција од Бугарија, тоа беше дезинформација, ширење на некаква лажна вест, која што веројатно е дел од таа пропаганда која сакаше да се протне. Македонската полиција има сериозен капацитет да се справи со било каков предизвик и тука нема место за делување на било кој полициски службеник од било каде“, појасни Спасовски.

03.02.2023 - 21:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега