Спасовски- Герберих: Вархеји донесе умерен оптимизам дека може да се очекува позитивна одлука од ЕУ

Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, имаше средба со амбасадорот на Сојузна Република Германија во земјата, Томас Герберих, кој му честиташе за преземањето на функцијата.

На средбата е констатирано дека Република  Македонија и Сојузна Германија имаат одлични билатерални односи, кои ги карактеризира динамичен дијалог и стабилно партнерство и беше изразена подготвеност за продлабочување на соработката и во наредниот период.

Премиерот Спасовски се заблагодари за континуираната поддршка од страна на Германија во сите процеси, со цел како што нагласи, на остварување на главните стратешки цели на нашата земја, членството во Европската Унија и НАТО.

Тој подвлече дека за тоа беа потребни храбри одлуки и изрази очекување дека наскоро нашата земја ќе стане полноправна членка на НАТО. Ратификацијата на Протоколот во Шпанија веќе е почната, а Владата го достави Предлог-законот за Ратификација на Северноатлантскиот договор во Собранието.

На средбата беше истакнато дека вчерашната посета на Еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Вархеји донесе умерен оптимизам дека може да се очекува позитивна одлука од ЕУ за почеток на преговорите.

Премиерот Спасовски нагласи дека Владата ќе продолжи да дава дополнителни позитивни аргументи за таква одлука на ЕУ, како што се подготвеноста за продолжување и одржување на политички дијалог, стабилни меѓуетнички односи, спроведување на реформите и функционирање на институциите, владеењето на правото и дополнителни напори за изнаоѓање на политички решенија за клучни законски реформи.

На средбата меѓу премиерот Спасовски и Н.Е. Герберих беше искажана подготвеност, дека преодната Влада ќе се фокусира на обезбедување фер и демократски избори, заради стабилизирање на демократските и реформските процеси како придонес на позитивен развој на процесите важни за граѓаните на Македонија и регионот, со што ќе се застане на патот на неизвесноста во земјата.

Премиерот Спасовски повтори дека во наредниот период продолжува нормалното функционирање на државата и нагласи дека обезбедувањето услови за фер и слободни избори е приоритет, укажувајќи дека е значајно да се сочува безбедноста и стабилноста внатре во државата.

„Работиме на одржување на се она што е досега направено и упатуваме порака да ја интензивираме соработката и политичкиот дијалог со сите институции важни за изборниот процес, со цел да го одржиме нивото на демократските процеси воспоставени на претходните избори, Референдумот и изборите за претседател на државата кои ги организиравме“, подвлече премиерот Спасовски

На средбата беше истакната и повторена германската поддршка за скорешно започнување со пристапните преговори на нашата земја со Европската Унија  и дека процесот за развој на методологијата не смее да донесе поместување на пристапните преговори.

На средбата, премиерот Спасовски и амбасадорот Герберих позитивно ја оценија одличната соработка во различни сфери особено во економијата меѓу двете земји и беше изразена подготвеност за унапредување на билатералните односи меѓу Република  Македонија и СР Германија.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.01.2020 - 17:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега