Спасовски- Фон Дер Лајен: Напредoкот на Северна Македонија е импресивен и ги исполни високите очекувања ЕК

Претседателот на Владата Оливер Спасовски во рамките на програмата за учество на донаторската конференција „Заедно за Албанија“, што ја организира Европската Комисија, оствари средба со претседателката на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен.
На средбата на која премиерот Спасовски го придружуваше и заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, претседателката на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен го честиташе донесувањето на Законот за јавно обвинителство, како и сите други реформски закони донесени пред распуштањето на Собранието, и нивното усвојување го оцени како храбри одлуки на пратениците во Собранието, Владата и граѓаните на Република Македонија.
„Усвојувањето на овие, како и на сите претходни реформски закони што ги донесоа Владата и Собранието на Северна Македонија, се импресивни во остварувањето на реформите и ги исполнуваат високите очекувања што ги постави Европската Комисија“ било речено на средбата, пренесе владината прес служба.
Во продолжение на средбата стана збор за извештајот на Европската Комисија за напредокот на земјата на почетокот на март 2020 година, и дека се очекува со овој извештај и со новата методологија да се направи чекор напред во прогресот на интеграцијата на Македонија.
Премиерот Спасовски на средбата со претседателката на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен ја истакна посветеноста на Владата во спроведувањето на реформските потфати, и во имплементацијата на Договорот од Преспа и на Договорот со Бугарија, кои се од посебна важност за иднината на државата.
Тој нагласи дека Владата, Собранието и граѓаните направија се што требаше за краток период и дека сега очекуваат, во скоро време, ЕУ да ги донесе вистинските одлуки за почеток на преговорите според новата методологија.
 

 

 

Добивајте вести на Viber

17.02.2020 - 18:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега