По минатонеделното одложување, Советот на јавни обвинители денеска треба да одржи седница за определување вршител на должноста државен јавен обвинител. Оваа позиција остана испразнета откако Љупчо Коцевски на 17 декември си поднесе неотповиклива оставка.
Изборот беше првично закажан за 19 декември, но беше одложен за денеска за да се обезбеди присуство на сите членови на Советот. Согласно законот, новиот в.д. обвинител ќе се бира од редот на обвинителите во Јавното обвинителство на РСМ и функцијата ќе ја извршува до изборот на нов државен обвинител, но не подолго од шест месеци.
Љупчо Коцевски си поднесе оставка на денот кога Собранието требаше да расправа за негово разрешување, нарекувајќи го предлогот политичка одлука.
„Функцијата ја вршев чесно и достоинствено, а оставката ја поднесувам поради очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава“, изјави Коцевски при повлекувањето.

