Советот на Град Скопје го усвои Извештајот за извршување на Буџетот за 2021 година
На денешната 75. седница на Град Скопје, советниците го изгласаа Извештајот за извршување на Буџетот на Град Скопје за 2021 година, за периодот од шест месеци. На дневниот ред се најдоа и полугодишните извештаи за работата на градските јавни претпријатија за тековната година.
Според податоците на Град Скопје, во првото полугодие од 2021 година, вкупните приходи и други приливи се остварени во износ од над три милијарди денари, што претставува остварување од 43,7 проценти во однос на планираното.
Податоците покажуваат дека вкупните расходи и одливи во Буџетот за 2021 година, во првото полугодие се извршени во износ од 2,7 милијарди денари, што претставува извршување од 37,7 отсто од планираното за 2020 година. Зголемувањето е забележано кај Буџет на дотации и Буџет на самофинансирачки активности, додека кај другите буџети има намалување на расходите.
На денешната седница, советниците дискутираа и гласаа за полугодишните извештаи за работата на градските јавни претпријатија за 2021 година, при што дел од советниците од опозицијата се изјаснија дека не се задоволни од извештаите.
На дневниот ред за гласање се најде предлог-одлуката за давање согласност за продажба на акциите и управувачки пакет од Друштвото за спортски дејности Фудбалски клуб Вардар АД Скопје. Со донесување на оваа одлука, Советот на Град Скопје дава одлука да се изврши продажба на акциите што претставуваат 100 проценти од основната главнивна.
Советниците ја изгласаа и одлуката за доделување на парична награда на Дејан Георгиевски, кој освои сребен медал на Олимписките игри во Токио, во дисциплината теквондо.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа