Советот ја разреши Катица Јанева

Советот на јавни обвинители на денешната вонредна седница едногласно ја разреши специјалната јавна обвинителка Катица Јанева која е третоосомничена за случајот „Рекет“ и се наоѓа во притвор. За нејзино разрешување гласаа сите осум пристуни членови на Советот на вонредната седница.

-Советот на јавни обвинители на денешната вонредна седница едногласно одлучи да ја разреши од функцијата специјален јавен овинител Катица Јанева поради  незаконско, нестручно и несовесно работење, изјави претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски по завршувањето на седницата.

Одлуката за разрешување на Јанева, додаде, стапува на сила со денешниот ден и ќе биде објавена во службените гласила согласно процедурата.

Тој посочи дека в понеделник ќе продолжи седницата на која ќе се расправа за регулирање на статусот на другите јавни обвинители во Специјалното јавно обвинителство кога ќе биде констатиран престанок на нивниот мандат и ќе биде донесена одлука дали да се вратат во нивните матични јавни обвинителства.

-Ќе мораме да ги примениме одредбите од Законот за специјално јавно обвинителство за престанок на нивната функција, затоа што таму е предвидено дека нивниот мандат не може да го надмине мандатот на специјалниот јавнен обвинител. Тоа в понеделник ќе го констатираме само со одлука. Став на Советот е дека не постојат услови за поставување на вршител на должност во Специјалното јавно обвинителство имајќи го во предвид самиот Закон за СЈО каде е наведено дека предлогот за именување на специјален јавен обвинител го дава Собранието. Очекуваме предлог од Собранието и ако биде доставен ќе постапиме по предлогот, бидејќи законот се уште е во важност, потенцира Колевски.

Процесот на разрешување на Јанева почна на 5 септември, кога Комисијата за избори и именувања зад затворена врата едногласно и без дебата донесе заклучок да му предложи на Собранието да ја разреши Јанева. Одлуката беше донесена врз основа на извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на Јанева поради нестручно, незаконско и несовесно работење. Продолжи Собранието на Република Северна Македонија кое денеска во рамките на 112-тата седница ја разреши специјалната јавна обвинитеклка Јанева со 102 гласа „за“ без воздржани и против. За оваа одлука гласаа „за“ и 27 припадници од заедниците кои не се мнозинство. Веднаш по завршувањето на седницата претседателот на Собранието Талат Џафери го потпиша  предлогот за разрешување и го достави до Советот на јавни обвинители кој на вонредна седница ја потврди одлуката за разрешување.

Мандатот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева истекуваше утре, 15 септември.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

14.09.2019 - 21:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега