Советниците од СДСМ бараат поништување на одлуката за намалување на платата за наставниците

Советниците од СДСМ реагираа на одлуката на Советот на општина Гостивар со која платите за ноември на вработените во образованието ќе се исплатат со намалување од пет отсто.

На денешната прес-конференција тие оценија дека одлуката не е законска.

– Законот за наставници и стручни соработници јасно дефинира во кои случаи може да дојде до намалување на платите на наставниците и во никој случај да немаат врска со одлуката донесена на седница на Советот на општината. Општината е должна да ги обезбеди потребните средства, без да се осмели да донесе решенија со кои се намалуваат платите на работниците, изјави Ема Нешковска, советник од редовите на СДСМ во Советот на општина Гостивар.

За оваа одлука, Нешковска рече дека ќе биде испратен допис до надлежните институции и ќе бараат таа да се поништи.

– Доколку Советот на општина Гостивар и градоначалникот продолжат да постапуваат спротивно на законските одредби, да спроведуваат самоволие и да си поигруваат со правата на работниците, надлежните институции мора да преземат соодветни мерки со што би спречиле вакви непромислени одлуки во иднина. Никој не заслужува да биде оштетен поради финансиски малверзации од општинската власт, потенцира советничката Ема Нешкоска

Од секторот за финансии и буџет на општина Гостивар појаснија дека за да има исплата на плати, намалувањето е неопходно, а како причина наведоа дека до определниот рок училишните управи не ги доставиле потребните документите за пресметка. Доколку одлуката биде поништена можно е наставниците да останат без ноемвриската плата.

Реакцијата доаѓа откако на последната седница на Советот што се одржа минатата недела, по предлог на координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, се побара намалување на платите на вработените во основните и средните училишта во општина Гостивар за пет проценти. Во образложението, од локалната самоуправа беше напоменато дека скратениот износ ќе биде вратен во јануарскта плата.

03.12.2021 - 14:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега