Состојбата со Преспанско Езеро утре на седница на албанскиот парламент по барање на Стерјовски

По барање на Васил Стерјовски, пратеник од единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција МАЕИ на утрешната пленарна седница на парламентот во Тирана ќе се најде прашањето за состојбата со алармантниот пад на водата во Преспанско Езеро.

-На мое барање, во албанското Собрание министерот за туризам и животна средина, Бленди Клоси треба да даде објаснување какви мерки превзема министерството, тука вклучително и во соработка и со надлежните институции на Македонија и Грција за да се спречи алармантниот пад на водата во Преспанското Езеро и еколошката катастрофа што му се заканува. Од 2018 до денеска езерото е повлечено најмалку 200 метри, изјави Стерјовски за МИА.

Како што рече, Преспанското Езеро ги спојува териториите на Албанија, Македонија и Грција и претставува проблем што ги зафаќа сите три држави кои го делат брегот на езерото, треба да се преземат заеднички активности за да се забави оваа природна непогода.

Исто така, додава тој, министерот треба да објасни за разните проекти кои што се спроведуваат во Националниот парк „Преспа“ а кои не придонесуваат за намалување на сиромаштијата во областа на Преспа, ниту за заштита на животната средина во Националниот парк „Преспа“.

Појасни дека поради богатиот биодиверзитет за национален парк е прогласен во февруари 1999 година, од кога министертвото во соработка со странски донатори „реализирало“ низа проекти вредни милиони евра а животот на жителите воопшто не е подобрен,како што се очекувало.

-За жал овие проекти не придонесоа за намалување на сиромаштијата во областа, ниту за заштита на животната средина во Националниот парк „Преспа“, чија територија во 90 отсто опфаќа територија на Општина Пустец. Дури и до денес, жителите страдаат за вода за пиење, нема канализација и отпадните води се испуштаат во езерото, не се управува со отпадот. Во јануари 2016 година, потпишан е владин договор „Прекуграничен резерват на биосферата Преспа“, според кој германската влада ја финансираше втората фаза од проектот со грант од 3,5 милиони евра, со времетраење од 2016 до 2020 година, рече тој.

Стерјовски наведе дека ова е четврта година од имплементацијата на овој проект и нема реални инвестиции поддржани од овој проект во областа на паркот Преспа,

Тој апелира граѓаните кои живеат на територијата на Националниот парк „Преспа“да му ги соопштат нивните мислења, сугестии и предлози по овие прашања за да може да ги опфати во неговите дискусии со министерот Клоси во албанското Собрание.

На еколошката катастрофа што му се заканува на Преспанско Езеро неодамна алармираше и македонското друштво„Илинден“-Тирана.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.09.2020 - 14:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа