Сопственикот на кафулето „Ле Констелашн“, Жак Морети, за прв пат проговори со медиумите по пожарот на Нова година во познатиот швајцарски скијачки центар Кранс Монтана, во кој загинаа 47 лица, а речиси 120 беа повредени.

Во разговор за порталот 20 Minuten, Морети изјави дека тој и неговата сопруга „не можат ниту да јадат ниту да спијат“ и дека се чувствуваат „многу лошо“. Тој објасни дека поради психолошката состојба одбил подолго интервју, но дека целосно соработува со истражителите.

„Ќе направиме сè што е во наша моќ да помогнеме да се расветли причината за пожарот. Правиме сè што можеме. Вклучени се и нашите адвокати“, додаде Морети.

Тој нагласи дека „Ле Констелашн“ поминал три инспекции во последните 10 години и дека сè било „во согласност со прописите“. Во кобните моменти, неговата сопруга била во кафулето и добила изгореници на раката, но беше отпуштена од болница.

Главната швајцарска државна обвинителка, Беатрис Пилу, истакна дека сопствениците биле испрашувани како сведоци, а нивната кривична одговорност сè уште не е утврдена. Поради тоа, мерки на претпазливост како ограничување на движењето или забрана за напуштање на земјата не се воведени.

Морети и неговата сопруга исто така управуваат со бар за бургери во Кранс-Монтана и голем ресторан во Ленс, Франција.

Exit mobile version