Сопругата на Коби Брајант едвај смогна сили да зборува на бина: „Коби, чувај ни ја ќерката, ќе се видиме еден ден“

Ванеса Брајант иако емотивно скршена од загубата на сопругот Коби и 13-годишната ќерка Џијана, собра сила да се збогува со своите најмили на комеморацијата која синоќа беше во „Стејплс Центарот“. Зборуваше за времето поминато со Џиџи, за тоа каков татко бил Коби и за тоа колку Џиџи и татко ѝ биле поврзани.

„Џиџи имаше натпреварувачки карактер како нејзиниот татко. Коби секогаш ја поистоветуваше Џиџи со мене, таа го имаше мојот оган, карактер, сарказам и насмевка. Двајцата природно гравитираа заедно, Џиана го имаше неговиот таен талент да слушне песна и веднаш да ги запомне стиховите. Беше фантастичен спортист, одлична во гимнастика, бејзбол, фудбал и секако кошарка. Беше самоуверена, сакаше да помага и секогаш даваше совети каде што можеше. Јас никогаш нема да ја видам мојата ќерка како оди кон олтарот на нејзината свадба, како и танцот на татко и невеста. Сигурна сум дека ќе беше прекрасна мајка и верувам дека ќе станеше најдобриот играч во ВНБА. Џиџи ќе направеше разлика во женската кошарка, се трудеше да ги смени мислењата за тоа како луѓето ги гледаат жените во спортот. Те сакам Џиана, истакна Ванеса.

Коби и Џиана беа многу поврзани, а главна причина за тоа беше кошарката. Вдовицата имаше само пофални зборови за својот покоен маж и неговиот однос кон децата.

-Неколку недели пред трагедијата добив порака од Коби, каде пишуваше дека не може повеќе да издржи да не сме заедно, ниту јас, ниту децата. Ние бевме најдобри пријатели, оваа порака навистина ми значи. Тој сакаше да минува време со ќерќите, ги учеше да бидат храбри, да одат само напред во животот, едноставно секогаш беше тука за нив, рече Ванеса и додаде:

„Бог знаеше дека тие не би можеле да живеат еден без друг на Земјава. Мораше да ги земе дома заедно. Душо, ти грижи се за Џиџи. Јас ќе се грижам за Нати, Биби и Коко. Ние сме најдобар тим. Ве сакаме и ни недостасувате, Бу Бу и Џиџи. Почивајте во мир и забавувајте се во рајот додека не се сретнеме еден ден сите. Ве сакаме и ни недостасувате. Засекогаш, Мама.“

И Мајкл Џордан не ги криеше солзите на говорницата во „Стејплс Центар“ говорејќи за својот „помал брат“, како што вообичаено го нарекуваше Коби Брајант.

“Сите знаете дека јас на него гледав како на помал брат. Кога зборуваат за него, сите зборуваа за споредбите со мене, што било слично, а што различно. Јас само сакав да зборувам за Коби, бидејќи бев свесен за неговата величина. Од првиот ден тој сакаше да биде најдобриот кошаркар што може да биде. Јас пак станав неговиот најдобар постар брат што можам да бидам. Кога тој умре, во истиот момент умре и дел од мене“, низ солзи коментираше Мајкл Џордан.

Инак,  комеморацијата ја отвори Бијонсе, со една од омилените песни на Коби Брајант.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.02.2020 - 10:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега