И попладнево вистински хаос со сообраќајот во главниот град. Големи гужви и долги редици на возила ги исполнија скопските улици. Некои велат дека веќе еден час седат во возило и не можат да пристигнат во домовите. Особена гужва има пред Водњанска, не работат ниту семафорите, ниту полициски службеници го контролираат сообраќајот.

Ова е трет ден како граѓаните не можат да си стигнаат во своите домови.

Не возат ниту голем дел од таксистите. Да си најдете такси на ова време е вистински предизвик. Граѓаните велат дека нема достапни возила кај сите такси компании.

Ова не е се, во недела подобро излезете си пеш, каде и да одите.

Во недела, 5 октомври, со почеток од 08:00 часот ќе се одржи „Скопскиот маратон 2025“, на кој ќе се трчаат трки на 5 километри, полумаратон, маратон и штафетна трка.

Стартот на трката на 5 километри е на улицата „11 Октомври“ кај Зелен пазар, со движење низ булеварите „Крушевска Република“ и „3-та Македонска Бригада“, а целта е на плоштад „Македонија“. Главната траса на маратонот, полумаратонот и штафетната трка ќе започне пред Собранието на РСМ, со движење низ централното градско подрачје, Аеродром и повторно враќање на плоштад „Македонија“.

Од МВР информираат дека Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен сообраќаен режим, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните улици.

Министерството апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници и да покажат трпение за време на одржувањето на настанот, со цел да се овозможи непречена реализација на маратонот и безбедност на учесниците.

Leave A Reply

Exit mobile version