Времето денеска во Македонија ќе биде претежно сончево со мала до умерена облачност, но во попладневните часови постојат услови за појава на слаб локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Утринските температури се движат од -3 до 3 степени, додека максималната дневна температура ќе достигне пролетни вредности, во интервал од 13 до 19 степени.
Слична временска состојба се очекува и во главниот град. Во Скопје денеска ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност и слаб до умерен југоисточен ветер. Минималната температура се спушти до 1 степен, а дневниот максимум ќе достигне до 18 степени.
Сепак, Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) најавува промена на временските прилики уште од почетокот на новата работна седмица. Во текот на неделата ќе преовладува променливо облачно време, а сè до среда се очекуваат повремени локални врнежи од дожд. Дополнително, во среда и четврток ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од источен и североисточен правец, што ќе придонесе дневните температури да имаат тенденција на опаѓање.


