Во Собрание на Северна Македонија денеска се закажани седници на пет собраниски комисии – Комисијата за одбрана и безбедност, Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и Законодавно-правната комисија.

Пред членовите на Комисијата за одбрана и безбедност ќе се најдат неколку предлог-закони, меѓу кои Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки во областа на одбраната и безбедноста, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за развој, производство и промет на воени стоки. Сите овие законски решенија се предложени да се разгледуваат по скратена постапка.

Комисијата за прашања на изборите и именувањата, пак, ќе расправа за формирање Комисија за селекција на кандидати за член на Државна комисија за спречување на корупцијата. На дневен ред е и разгледување на барања за остварување право на плата по престанок на функцијата од поранешен претседател и член на Регулаторна комисија за домување.

На седницата на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика ќе се разгледува Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за возила, исто така по скратена постапка.

Членовите на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе расправаат за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за шумите, кој исто така е предложен по скратена постапка.

Во меѓувреме, Законодавно-правната комисија ќе ги разгледува повеќето од овие предлог-закони, меѓу кои измените на законите за јавните набавки во областа на одбраната и безбедноста, за безбедноста на сообраќајот на патиштата, за развој, производство и промет на воени стоки, за возила и за шумите, при што сите се доставени на разгледување по скратена постапка.

Exit mobile version