Собранието на Република Северна Македонија денеска треба да ја одржи својата 89-та седница, на чиј дневен ред се повеќе кадровски и законски предлози.

Пратениците ќе разгледуваат предлог за именување претседател и членови на Регулаторната комисија за домување, како и предлог-одлуки за распишување јавен оглас за избор на претседател и член на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад. Предвидено е и објавување оглас за избор на директор и заменик-директор на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, како и огласи за избор на членови во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и во Државната комисија за спречување на корупцијата.

Во рамки на седницата ќе се расправа и за повеќе законски измени по скратена постапка, меѓу кои измените на законите за ветеринарно здравство, за идентификација и регистрација на животните, за пратениците, како и за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица.

Дополнително, на дневен ред се и предлог-измени на законите што се однесуваат на платите на јавните обвинители, судиите, членовите на Советот на јавните обвинители и на Судскиот совет, исто така по скратена постапка.

Exit mobile version