Пратениците денеска ја утврдија потребата од носење на пакетот закони со кои се предвидува нивелирање и намалување на платите на избраните и именуваните лица. Со овие измени, кои опфаќаат шест закони, платите на пратениците, судиите, обвинителите и функционерите во извршната власт ќе се намалат во износ од 10.000 до 13.000 денари.
Предлагачот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ појасни дека со оваа интервенција во коефициентите се обезбедува рационално користење на буџетските средства, а решението е уставно издржано за да не може да биде обжалено.
„За пратениците и функционерите во извршната власт ги намалуваме коефициентите со што директно го кратиме буџетскиот товар. За судиите и јавните обвинители предвидуваме усогласување на коефициентите со цел нивните плати да бидат во корелација со економските можности на државата, додека за градоначалниците предлагаме нова скала зависно од бројот на жители“, истакна Стојаноски.
Од друга страна, Собранието не го прифати предлогот на опозицијата за зголемување на минималната плата на 600 евра. Додека опозицијата обвинуваше дека 36.000 денари се неопходни за опстанок на семејствата, мнозинството порача дека зголемување ќе има, но само преку одржлив дијалог, а не преку популистички решенија додека се враќаат долговите од претходната власт.


