Пратениците во Собранието на денешната 102. седница донесоа неколку законски решенија, меѓу кои и Законот за младински додаток кој предвидува директна финансиска поддршка за дел од младите во земјава.

Со овој нов закон, на младите лица до 23 години кои се вработени во производствените области ќе им се исплаќа младински додаток во износ од 3.000 денари.

На истата седница, поддршка од пратениците доби и Законот за изменување и дополнување на Законот за индустриски-зелени зони.

Овие измени, како што беше образложено, се прават со цел усогласување со Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), при што се менуваат одредени термини во досегашниот закон.

Собранието донесе одлука и за испраќање на еден припадник на Армијата во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина.

Во делот на автентичните толкувања, пратениците донесоа заклучоци дека не се оправдани барањата поднесени од пратениците Оливер Спасовски, Зоранчо Јованчев и Димитар Апасиев, како и две барања од градоначалникот на Општина Долнени.

Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, на крајот информираше дека оваа собраниска седница ќе продолжи утре во 12 часот.

Exit mobile version