Собрание на Република Северна Македонија денеска на својата 90. седница ќе расправа и ќе одлучува за избор на нови заменици-министри во ресорите одбрана и образование и наука.
За заменик-министер за одбрана е предложен Адмир Шабани, поранешен портпарол на Државна изборна комисија, додека кандидат за заменик-министер за образование и наука е Дритон Сулејмани, кој претходно бил советник во Општина Куманово и портпарол на коалицијата „Вреди“.
На дневниот ред се наоѓа и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење, по скратена постапка. Со предложените измени се предвидува поцелосно ажурирање на податоците во Катастарот на недвижности и инфраструктурата, со цел прецизно евидентирање на локациите на електронските комуникациски мрежи и опрема.
Целта е да се овозможи поефикасно и побрзо одржување на мрежите, како и да се избегнат евентуални штети при изградба на нови објекти или поставување опрема на места каде што веќе постои телекомуникациска инфраструктура.


