Соборниот храм по повод Велигден: Верниците треба цврсто да веруваат дека вистинската надеж секојпат е во Бога

Велигден е најголем празник и најголем ќе остане, затоа што ние си го сакаме нашиот спасител, си го сакаме Бога. Токму затоа верниците секојпат треба цврсто да веруваат дека вистинската надеж секојпат е во Бога, зашто самиот Христос рекол: „Јас сум пат, вистина и живот“, надвор од него нема да ја најдеме, токму затоа се радуваме кога ќе ги видиме нашите верници радосни, порача за МИА отец Сашо Николовски од Соборен храм Св. „Климент Охридски“.

Тој раскажа за рускиот светител Св. Серафим Саровски, кој честопати велел „Христос воскресе, радост моја“, секојпат се сеќавал на христовото воскресение знаејќи дека тоа е настанот кој го спасува човештвото, знаејќи дека Христос ја победил смртта. Потсетува дека овој наш земен живот е само да го спечалиме небесниот вечен живот.

Отецот, осврнувајќи се на лошите настани што ги доживеа човештвото во изминатите две години, вели дека тие не потсетиле оти треба малку да се погледнеме едни со други, да погледнеме околу, да ги погледнеме сите работи кои ги правиме и да сфатиме дека мораме и треба да живееме со љубов едни со други за да изнаоѓаме решенија за сите проблеми.

–  Нека им е оваа радост најголема, нека не се плашат да дојдат во божјите домови, нека ги исполнат и нека присуствуваат молитвено пред Бога, но и пред целиот свет, порача отец Сашо до православните верници.

Зборувајќи за нетрпението меѓу луѓето и како да најдат спас од него, наведе дека самиот Господ е смирение и никој не е поголем од Него.

– Христос дошол на овој свет токму за да ни го подари спасението. Човекот бил создаден за бесмртност, Господ не го остава човекот, затоа што го сака, Господ од љубов го создавал светот и човекот и од љубов повторно го спасувал. Затоа и му ветува спасител кој ќе дојде во светот и ќе го спаси. Божјиот умострој бил таков што второто лице од Света тројца, бидејќи ние православните христијани јасно веруваме во еден Бог по битие троичен по лице, отец, син и свет дух, значи второто лице од Светата тројца е испратен во светот за да му го дари спасението. За да биде човекот спасен, самиот Бог земал човечко тело преку светата Богородица, но останал и понатаму Бог. Човечкото во Христа било еднакво на секое човечко тело освен во гревот. Бидејќи божјата природа, којашто ја имал во себе, не го трпи гревот и не може да има грев. Токму затоа Господ дошол на земјата како вистински богочовек. Живеел како сите луѓе се до својата 30 година откако започнал со својата спасителна проповед до 33 и пол години кога пострадал. Умрел, погребан е и воскреснал како Бог. Токму затоа Господ ни донел смирение, порача отец Сашо.

Според него, каде и да го бараме мирот, каде и да ја бараме љубовта надвор од Бога, ние нема да ја најдеме. Секојпат, вели тој, ќе налетаме на нешто друго, но не на мир и на љубов.

22.04.2022 - 10:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега