Со песна, радост и детска насмевка, коледарчињата од Кисела Вода денеска беа дел од Бадниковата поворка. Дарувани со подароци од градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска и со Божикни ѕвезди кои претходно ги изработуваа на креативните работилници, тие од Кисела Вода се упатија кон Музејот на Град Скопје, а потоа и кон Плоштад Македонија, пред големата пештера, каде што празничната програма во пресрет на Хистовот раѓање-Божик, продолжи во организација на Град Скопје.

-И покрај дождливото утро, денеска во Кисела Вода силно ја почувствувавме празничната атмосфера и духот на Бадник.

Коледарчиња од нашата општина, со песна и насмевки, го најавија Христовото Раѓање и ја продолжија традицијата што со генерации се пренесува и се чува.

Со задоволство ги пречекавме и ги дарувавме дечињата, како дел од обичаите кои нè обединуваат и нè потсетуваат на вистинските вредности: заедништво, почит и грижа еден за друг.

Заедно продолживме кон Музејот на Град Скопје, а потоа и кон Плоштад Македонија, пред големата пештера, каде што празничната програма продолжи во организација на Град Скопје.

Овие денови нè потсетуваат колку е важно да бидеме заедно, со отворено срце и подадена рака, не само на празник, туку во секој ден од годината.

Од срце им благодарам на дечињата за убавината што ја донесоа во ова утро, како и на нивните родители што ја негуваат љубовта кон обичаите и вистинските животни вредности.

Нека ни е за многу години овој светол празник и нека ни донесе здравје, мир и љубов во секој дом- изјави градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.

Exit mobile version