Со неиспробани лекови ја разбудиле од кома - осумгодишно девојче го изненади светот

Чешки лекари од болницата „Мотол“ во Прага со експериментално лекување успеале да разбудат од кома осумгодишно девојче.

Малата Катерина почнала да има проблеми со мускулно-скелетниот систем на почетокот на минатата година и набргу потоа и било дијагностицирано воспаление на 'рбетниот и малиот мозок по што паднала во кома. Дијагнозата била енцефалитис на рецепторите. Лекарите се обиделе на два начини да ја лекуваат, но нејзината состојба не се изменила се додека не се обиделе со нетрадиционално лекување, кое најчесто се применува кај тешко болните од канцер.

Биле употребени лекови, кои не се регистрирани во цела Европа и не се испробани кај деца, но првиот резултат бил видлив по само четири недели. По 361 ден во кома, во јануари годинава девојчето се разбудило.

- Прво го слушнав гласот на мајка ми и како плачат од среќа со сестра ми. Тогаш уште не гледав, но по една недела тоа се подобри, изјави Катерина за весникот „Право".

По шест недели лекување ги прозборела првите зборови, а потоа и се разбудила.

- Потоа цело време контактираше и зборуваше со нас. Многу добро ги паметеше сите случувања пред да ја загуби свеста, дури и болничката соба и персоналот, вели портпаролката на болницата, Павлина Данкова.

На домашна нега била пуштена по 444 дена поминати во болница.

- Нема никакви последици, мора да пие лекови, но трча, зборува и е потполно здрава, опишува директорот на болницата Милослав Лудвик.

Ваков начин на лекување кај овој вид дијагноза бил употребен првпат во светот и според лекарите дава надеж и за други случаи, посебно за уште два пациенти кои со иста дијагноза се стационирани во болницата.

најчитано сега