Хумана одлука за органодарителство донесена од едно семејство минатиот месец овозможи нов почеток за двајца пациенти кои добија органи преку трансплантација, соопштија денеска од Министерството за здравство.
Оваа информација се споделува во пресрет на 13 Август – Светскиот ден на органодарителството, со цел подигнување на свесноста за значењето на дарувањето органи.

Во соопштението се потенцира дека зад секоја трансплантација стои одлука донесена во најтешките мигови на загуба, која овозможува втора шанса за живот за оние кои чекаат за пресадување.
По тој повод, министерот за здравство, Сашо Клековски, изрази благодарност до семејствата кои се одлучиле на овој чекор.
„Секоја трансплантација е доказ дека и во најтешките мигови луѓето наоѓаат сила да мислат на другите. Благодарност до секое семејство што избра да подари живот“, потенцира министерот за здравство, Сашо Клековски.
Значењето на овој хуман чин го истакна и националниот координатор за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска.
„Зад секојa трансплантација стои тим, но пред сè стои една хумана одлука. Таа одлука е она што го прави можно чудото на новиот живот“, порачува проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.
Од Министерството за здравство упатија апел до сите граѓани да бидат дел од промената и да ја поддржат иницијативата за дарување органи.