„Со дијагноза анемија, мајката на поранешниот економски директор на Онкологија, била водена како болна од рак” – интервју со Мулачка, новинарката која ја разоткриваше Онкологија

 

Се започна пред 6-7 месеци, по разговор со неколку вработени на Клиниката за онкологија, на кои најверојатно им дошло преку глава она што се случувало таму, раскажува во интервју за „Макфакс Ирена Мулачка, авторката на текстовите за скандалот со Онкологија.

„Мислам дека на Клиниката, многу повеќе од јасно е кој го правел тоа, и кои лица се вмешани во ова“, истакнува Мулачка, додавајќи дека целата шема за скандалот, не можела да се одвива без „врзан потпис на медицинскиот и на економскиот директор“.

За мајката на поранешниот економски директор на Онкологија, Нехат Нухиу вели: „Јас знам дека неговата мајка не била болна од карцином, но во медицинската историја е напишано дека боледува од рак на бели дробови, а од Клиниката излегува со дијагноза анемија“.

Појаснувајќи како се одвивала целата шема на злоупотреба на скапите лекови на Онкологија, дали истите биле препродавани, кратени и растворани со физиолошки раствор, уредничката на „Фокус“ вели: „Тука има една шема на луѓе, но дали инструкцијата била од самиот лекар или тоа било одлука само на одделенските сестри, а дека тоа се случувало го докажува и моменталната ситуација на Клиниката. Просторијата во која се растворале лековите била отворена. Според тоа што јас го знам, внатре биле по десет сестри и немало контрола. Дека може да манипулираат, може, дека може да биде без инструкција на лекарите, може, а може да биде и во договор. Еве, јас знам, дека еден од лекарите, ветувал на многу од пациентите во терминална фаза терапија“.

На фамилиите на пациентите кои биле пред умирање, според Мулачка, им биле ветувани скапи лекови од странство, а наместо тоа, им била давана т.н „волшебна комбинација“ од антибиотици и витамин Ц, со која биле освежувани и залажувани дека им се продолжува животот.

Според нејзините сознанија, лековите кои се злоупотребени од Онкологија се препродавале најверојатно на Косово, а во шемата учествувале директори, лекари, медицински и одделенски сестри па и секретарки, благајници, возачи и чувари.

Како се одвивала шемата на злоупотреба на скапите лекови од Онкологија, имало ли роднини кои помагале во скандалот, дали се злоупотребувале и имињата на починатите за да се украдат лековите, за „Макфакс, со авторката на сториите за скандалот на Онкологија, Ирена Мулачка.

07.09.2023 - 18:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега