Обилните снежни врнежи кои со недели ја пустошат Јапонија однесоа најмалку 35 човечки животи, додека бројот на повредени се искачи на речиси 400 лица. Властите соопштија дека 126 лица се во критична состојба, а ситуацијата дополнително се влошува со најавите за нов студен бран за време на викендот.

Како што пренесува „Скај Њуз“, снежната покривка во некои делови на земјата достигна висина од два метра, зафаќајќи дури 15 префектури. Поради сериозноста на ситуацијата, испратени се специјални оперативни сили во најтешко погодените северни и централни региони.

Најголемиот дел од жртвите настрадале при обид да го исчистат снегот од покривите на своите домови. Властите апелираат до граѓаните да не се качуваат на висина без безбедносна опрема, откако серија мажи на возраст од 50 до 70 години беа пронајдени починати по падови или ненадејни срцеви удари за време на чистењето.

Exit mobile version