Обилните дождови што ја погодија Андалузија предизвикаа сериозна хуманитарна и инфраструктурна криза во јужна Шпанија, при што животот го загубија три лица, а стотици интервенции беа извршени од итните служби, соопштија регионалните власти.

Најтешко погодена е провинцијата Малага, каде се регистрирани најголемиот број инциденти. Две лица, на возраст од 53 и 54 години, беа пронајдени починати во Алхаурин Ел Гранде, откако нивното комбе било однесено од надојдена река. Третата жртва, 18-годишно момче кое претходно било пријавено за исчезнато, е пронајдена во местото Илора, во провинцијата Гранада, јавува „Еуроњуз“.

Само во Малага биле регистрирани 343 интервенции на итните служби, главно поради поплавени домови, гаражи и улици. Во Гранада се евидентирани 58, а во Алмерија 48 интервенции. Обилните врнежи предизвикаа затворање на бројни патишта, заробување на возила во порои и појава на одрони, особено во руралните и планинските подрачја.

Поради зголемениот ризик од поплави, регионалната влада го активираше Планот за вонредни состојби, додека 36 општини ги ставија во функција сопствените планови за цивилна заштита. Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, ги повика граѓаните на максимална претпазливост, апелирајќи да се избегнуваат непотребни патувања и преминување низ поплавени зони.

Exit mobile version