Сметката на Општина Гостивар е блокирана, извршител бара наплата од пет милиони денари

Сметката на Општина Гостивар од денеска е блокирана заради побарување од извршител по тужбата на пожарникарите за неисплатен додаток, информираше градоначалникот Арбен Таравари.

Блокирањето на сметката ќе ги одложи исплатите на плати и тековни трошоци за десетина денови.

Според Таравари, станува збор за исход од судска пресуда со која локалната самоуправа треба да исплати износ од над сто илјади евра. Тој се сомнева дека во овој случај има политички реваншизам.

– Имавме постигнато договор со вработените во противпожарната единица, додатокот од 20 проценти што го побараа да им биде исплатен на рати. Сепак во еден политички штаб, тие добиле инструкции и решиле долгот да го наплатат на ваков начин. Само мора да напоменам дека обврската за додатокот произлегува од времето кога таа политичка партија раководела со градот, рече Таравари.

Тој објасни дека во време на намалени приходи, состојбата со исплатата на тековните обврски, може да потрае десетина денови.

Градоначалникот Таравари ги повика и надлежните институции да го проверат овој чин, бидејќи како што рече, владините насоки биле да не се спроведуваат извршувања и присилни наплати.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

26.03.2020 - 12:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега