Огромна криминална шема за повлекување брзи кредити со украдени лични податоци доби обвинителен епилог во Скопје. Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведувањето на истражната постапка, поднесе обвиненија против шест лица за компјутерски измами и фалсификување исправи, додека за уште 33 лица е поднесен предлог за казнен налог за соучесништво во оваа добро разработена дигитална измама.

Според истражните органи, групата ги користела невработеноста на дел од вклучените лица и пропустите во електронските системи за да креира лажни профили. Тие во системите на повеќе финансиски друштва внесувале невистинити податоци со цел неовластено да повлечат парични средства, прикажувајќи лажни податоци за вработување.

Како што се наведува во истрагата, клучен логистичар во измамата бил вработен во Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), кој ја злоупотребил својата службена позиција за да им ги обезбеди потребните податоци за идентитетот на жртвите.

Обвинителството во своето официјално соопштение детално го опишува начинот на кој била изведена оваа компјутерска измама:

„Обвинетите со умисла извршилe повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи притоа ист траен однос воспоставен помеѓу нив заради извршување на делото, исти прилики за користење на електронска апликација и downgrade на други слични околности како што е невработеноста на лицата кои дале особен придонес за сторување на делото. Во информатичкиот систем на повеќе оштетените финансиски друштва внесувале невистинити податоци – за кои секој од нив знаеле дека не се вистинити и дека се постигнати со дејствија од други кривични делa, со што предизвикувале невистинити резултати при електронската обработка и преносот на податоците од Агенцијата за вработување на РСМ. Во ова им помагал еден од нив, кој бил службено лице вработено во Фондот за здравствено осигурување на РСМ и кој им ставил на располагање средства, односно ЕЗБО број кој претходно го обезбедил преку својот компјутер од електронскиот систем на Фондот. Користеле лажни исправи и ги злоупотребувале личните податоци на оштетени физички лица и притоа од финансиските друштва повлекувале брзи кредити на нивно име.“

Exit mobile version