Поранешната в.д. директорка на Универзитетската клиника за онкологија, Виолета Клисаровска, денеска сведочеше за фрапантни недостатоци во работењето на оваа институција во периодот пред нејзиното именување. Таа пред судот откри дека затекнала хаотична состојба во која немало утрински состаноци, а препишувањето на скапата терапија било индивидуално, наместо преку стручен конзилиум.

„Сметав дека тоа не смее да биде така. Уште во првите денови покренав постапка за формирање онколошки конзилиум за да има групна одлука за лековите од условниот буџет“, истакна Клисаровска. Таа додаде дека суштинскиот проблем и „голgotaта на Онкологија“ започнала кога Министерството за здравство почнало да планира двегодишни тендери без воопшто да го консултира стручниот колегиум за потребите и количините на лековите.

Клисаровска потврди дека при претресот во канцеларијата на обвинетиот Нино Васев биле пронајдени лекови од условниот буџет, но и дека при нејзиното доаѓање затекнала енормни долгови и нееднаква исплата кон добавувачите, состојби кои се обидела системски да ги надмине.

Exit mobile version